Регион 16. јуни 2018. / 12:49

Пет месеци по убиството на Оливер Ивановиќ нема напредок во истрага и покрај ветувањата

Пет месеци по убиството на Оливер Ивановиќ нема напредок во истрага и покрај ветувањата

Лидерот на Граѓанска иницијатива Србија, демократија, правда Оливер Ивановиќ беше убиен во Косовска Митровица пред точно пет месеци, а убијците се сѐ уште непознатти без оглед на ветувањата на лидерите на Србија и Косово дека убиството ќе биде расветлено.

Ксенија Божовиќ, функционерка на партијата СДП, изјави дека ни членовите на семејството на убиениот Оливер Ивановиќ, а ни неговите најблиски соработници немаат информации за текот на истрагата.

„Минаа 150 дена од убиството, а никој не ни јавил ништо, не снаеме и немаме ниту еден детал за текот на истрагата, ни ние ни семејството“, кажа Божовиќ.

Според неа, разочарувањето во текот на истрагата го зголемила и неодамнешната изјава на претставник на КФОР дека ќе се вклучат во процесот доколку бидат повикани.

„Нам не ни е важно дали истрагата ќе ја водат српски, косовоски или меѓународни органи, важно ни е да се открие вистината за убиството“, кажа Божовиќ која смета дека е сосема непрофесионално некој дури сега да треба да го повикува КФОР.

Таа изрази незадоволство што надлежните органи ни по пет месеци не го вратиле хард-дискот со снимките од безбедносните камери кој бил земен при увидот.

„АКо имаа што да видат, можеа да видат за пет месеци и да ни ја вратат одземената опрема“, кажа таа и додаде дека денес сите жалат што самите не ги погледнале снимките пред полицијата да ги одземе.

Приштинското обвинителство соопшти дека камерите на просториите на СДП, пред кои беше убиен Ивановиќ, не снимиле ништо, бидејќи биле во дефект 12 дена, а проработиле дури 10 минути по убиството.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ најави во четвртокот дека во следните денови ќе објави информации за убиството на Ивановиќ.

„Нема сега да зборувам за тоа, но во следните денови ќе му се обратам на народот и ќе кажам и за други сличаи поврзани за Ивановиќ и за некои други работи. Па можеби луѓето ќе се изненадат од одредени информации што ќе ги дознаат“, кажа Вучиќ.

Божовиќ по повод изјавата додаде дека семејството и соработниците на Ивановиќ очекуваат да ја слушнат секој релевантна информација за убиството.

И претседателот на Косово Хашим Тачи најавуваше дека убијците набрзо ќе бидат откриени со забелешка дека тоа некого ќе го боли.