По вонредниот состанок одржан во премиерската палата на Кирјакос Мицотакис со министри од владата, портпарол на грчката Влада, Стелиос Пецас, информира дека Грција во текот на вчерашниот ден била на мета на организиран, масовен и нелегален обид за преминување на границата.
Како што истакна Пецас, неговата земја го издржала тој напад и ја заштитила границата на Европа, со тоа што спречила над 4.000 нелегални влегувања во Грција.
Пецас соопшти дека 66 луѓе што ја поминале границата се приведени и дека тие немаат никаква врска со Идлиб. Тој додаде дека грчката влада е решена да направи сѐ што е потребно за заштита на границите.
– Ги зајакнуваме нашите сили на копно и море. Во Еврос се префрлаат дополнителни сили од полицијата и армијата. На островите, се засилуваат силите на крајбрежната служба и од денеска патролираат вкупно 52 бродови на крајбрежната служба и воената морнарица. Владата е решена да стори сé што е потребно за да ги заштити нашите граници – изјави Пецас по состанокот.
Граничниот премин „Кастањес” со Турција кај Еврос, веќе 24 часа е затворен, а од турска страна и понатаму се собрани бегалци и мигранти кои во текот на ноќта се судрија со полицијата.