Регион 21. јануари 2020. / 15:57

Пецас: Нашиот план за мигрантското прашање дава резултати

Пецас: Нашиот план за мигрантското прашање дава резултати

Заменикот министер под премиерот и портпарол на грчката Влада, Стелиос Пецас, во однос на утрешниот генерален штрајк закажан на островите во северниот дел на Егејското море за мигрантскиот проблем изјави дека станува збор за сериозен општествен проблем, но дека грчката влада продолжува да се обидува да го убеди локалното население оти нивниот план дава резултати.

Пецас, на редовен брифинг со новинарите, повтори дека владиниот план се базира на четири главни оски: чување на границите, забрзување на постапката за азил, зголемување на бројот на враќања во Турција и изградба на затворени центри, а истовремено и празнење на островите и интернационализација на проблемот.

Портпаролот на грчката Влада, особено се задржа на враќањата мигранти во Турција, односно на оние кои немаат право на азил во Грција, споменувајќи дека минатата седмица почна овој процес.

– Кога министерството доаѓа до заклучок дека некои луѓе немаат право на азил, тогаш постапката ја поведува грчката полиција во договор со турскиот претставник и преку Фронтекс, тие се враќаат во Турција, согласно Заедничката декларација ЕУ- Турција. Ова ќе продолжи и во наредните денови и ќе се интензивира со поголем ритам – изјави Пецас.

Тој додаде дека владата, исто така сака да ги убеди жителите на засегнатите острови дека навистина ќе ги затвори постоечките отворени прифатни центри.

– Веруваме дека на крај сите ќе сфатат дека во интерес на Грција, а особено на самите жители од североисточниот дел на Егејското море, за кои и ме прашавте, и во интерес на сите е дека планот ќе оди напред – вели Пецас.

На трите грчки острови Лезбос, Самос и Хиос, кои што се најпогодени од бегалските и мигрантските бранови, за утре напладне закажан е генерален штрајк.