Регион 04. декември 2018. / 13:17

Пахор од Атина: Им честитам на Ципрас и на Заев за Договорот од Преспа

Пахор од Атина: Им честитам на Ципрас и на Заев за Договорот од Преспа

Сакам да им честитам на премиерите на двете земји, Ципрас и Заев за договорот од истриско значење, вели словенечкиот претседател Борут Пахор во интервју за грчкиот весник „Катимерини”, јави дописничката на МИА од Атина.

Тој коментира дека Договорот од Преспа е важно достигнување и важен чекор во правилна насока не само за двете земји туку и за целиот регион, а паралелно изразувајќи надеж дека ќе се имплементира.

– И двете страни имаат голема одговорност за да се имплементира и се надевам дека напорите на Владата во Скопје ќе донесат соодветен одговор од Грција. Договорот, исто така, отвора врата за една подобра, корисна соработка и пријателски односи меѓу двете земји, факт што ќе биде во корист и на двете страни. – вели Пахор во интервјуто и додава дека Грција треба да има важна улога во обезбедувањето просперитет и стабилност во регионот.

Словенечкиот претседател истакнува дека договорот е важен и за целиот Западен Балкан „бидејќи го отвора патот за земјата, чие ново име ќе биде Северна Македонија, за интеграција во ЕУ и НАТО”. А со тоа, според него, се создава нов моментум во процесот на пршоирување на ЕУ.

Пахор вели дека не знае дали и колку имало странска помош или интервенција во постигнувањето на договорот, но истакнува дека знае дека постигнувањето таков договор било желба на сите оние кои се заинтересирани за стабилност во регионот.

– Брисел, Берлин, Париз и секако Љубљана, се надевавме дека двете земји ќе стигнат до договор и се надеваме дека ќе се имплементира. Поради ова, не ми пречи било каков совет или поддршка што беа дадени за да се постигне овој договор. – истакнува претседателот на Словенија, во интервјуто за „Катимерини”, пренесе МИА.