Регион 26. март 2020. / 09:04

Падна владата на косовскиот премиер, Албин Курти

Падна владата на косовскиот премиер, Албин Курти

Косовското Собрание, со 82 гласа „за“, 32 „против“ и еден воздржан, синоќа изгласа недоверба на Владата водена од лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти.

По обемна дебата, која траеше нешто повеќе од 11 часа и во која беа разменети меѓусебни обвиненија меѓу предлагачите и поддржувачите на моцијата за недоверба, од една и пратениците на ВВ на Курти од друга страна, недовербата за кабинетот на Курти беше изгласана синоќа по 23 часот.

За уривање на Владата на Курти гласаа мнозинството пратеници на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), партијата која досега беше дел од владејачката коалиција и на чија иницијатива беше свикана собраниската седница, како и пратениците на опозициските партии. Предлогот на ЛДК го поддржаа и партиите на српската и на другите немнозински заедници, Српската листа (СЛ) и групата Г6, кои исто како и ЛДК учествуваа во Владата на Курти.

Покрај 29 пратеници на ВВ, против уривањето на Владата беа и тројца пратеници на ЛДК, меѓу кои и собраниската спикерка Вјоса Османи.

Иницијативата за гласање недоверба на Владата, ЛДК на поранешниот премиер Иса Мустафа ја покрена откако на 18 март премиерот Курти, без претходна консултација со коалициониот партнер, го разреши од функцијата министер за внатрешни работи Агим велиу, кој е воедно и прв потпретседател на ЛДК.