Унгарската полиција во текот на викендот открила тунел под жичаната ограда на унгарско-српската граница, и во неколку акции спречила илегален премин на повеќе од 300 мигранти.
Тунелот долг 24 метри, бил откриен во соработка со српската армија во близина на унгарскиот град Морахал и се верува дека бил користен за нелегален влез на мигрантите во Унгарија од каде заминуваат во Западна Европа.
Ова е трет подземен премин под оградата откриен во последната година во тој регион.
Граничната полиција уапсила 54 лица кои се обиделе да ја прескокнат или да ја пресечат жичаната ограда на унгарско-српската граница, а 258 мигранти биле пронајдени во граничната зона без документи. Повеќето од нив рекле дека се Сиријци, но имало и државјани на Ирак, Иран, Авганистан и Палестинци.
Унгарија од крајот на мај бележи големо зголемување на бројот на мигранти кои се обидуваат илегално да влезат во земјите на ЕУ, а само минатата недела имало речиси 900 обиди за илегално преминување.
Унгарските власти повторуваат дека Унгарија нема да ја отстрани оградата на унгарско-српската граница, и ќе ја зајакне одбраната на шенген зоната со цел да ги спречи мигрантите илегално да влезат на територијата на ЕУ.
Покрај северниот дел на Војводина, обиди за илегално преминување на границата се бележат и во југозападниот дел од покраината, во хрватско-српската погранична област.