Регион 12. ноември 2020. / 22:09

Нови мерки во Словенија – се укинува јавниот превоз, промени и на границите

Нови мерки во Словенија – се укинува јавниот превоз, промени и на границите

Словенија воведе нови ограничувања на две недели со цел да се спречи ширењето на епидемијата на коронавирус.

Владата донесе одлука за стопирање на јавниот превоз и забрана за секаков собир на луѓе кои не се членови на исто семејство или заедничко домаќинство. Затворени се и сите продавници кои не продаваат основни продукти. Одлуката стапува на сила утре, петок, изјави министерот за внатрешни работи Алеш Хојс пред новинарите, објави агенцијата Хина.

Во Словенија од предходно на сила е забраната за напуштање на домот во текот на ноќта и забраната за напуштање на матичните општини, освен во исклучителни случаи. Министерот најави дека се забрануваат прослави и верски обреди, а свадбите без свадбени церемонии се исклучително дозволени за лица кои добиваат специјална дозвола од Министерството за јавна администрација.

Бидејќи состојбата со епидемијата е критична во сите соседни земји, се укинува правото да се оди во странство во времетраење од 48 часа и да се врати без карантин или негативен тест за коронавирус за луѓе кои поседуваат имот, пловен објект или земја во странство.

Бидејќи јавниот превоз е суспендиран, освен со автомобил останува и такси превозот за луѓето да може да одат и да се вратат од работа. Часовите во училиштата се уште се од далечина, а градинките ќе продолжат да бидат затворени, освен децата на вработените во службите чија работа е неопходна.