Романската владеачка Национално-либерална партија (НЛП) ја обвини неодамна симнатата од власт Социјалдемократска партија (СДП) дека планира да ги бојкотира претседателските избори, пишува весникот „Романија либера”.
Весникот посочува дека Владата на НЛП се судрува со проблеми само неколку дена пред изборите, бидејќи повеќемина префекти, назначени од СДП, земале боледување, а либералите сметаат дека тоа е обид за блокирање на изборите, чиј прв круг е закажан за оваа недела.
– Социјалдемократите се очајни. Дале наредба за отворање боледување, за да не бидат сменети. Префектот и подпрефектот во Арад земале боледување за да ги блокираат изборите – изјави првиот заменик претседател на НЛП, Рареш Богдан, цитиран од весникот „Адеверул“.
И премиерот Лудовик Орбан синоќа, во телевизиско интервју, посочи дека ниту еден префект или подпрефект, назначен од СДП, нема да остане на својата должност, а боледувањата се стратегија за да не бидат веднаш избркани од функциите, пренесе БТА.
– Треба да го заборавиме тој период, кога именувањата се правеа зад затворени врати, преку врски, непотизам или врз основа на партиска книшка – посочи премиерот.