Регион 14. декември 2019. / 10:15

Нова средба на Курти и Мустафа во обид да договорат заедничка влада

Нова средба на Курти и Мустафа во обид да договорат заедничка влада

Лидерите на двете победнички партии на октомвриските парламентарни ибори во Косово, Албин Курти на Движењето Самоопределување (ВВ) и Иса Мустафа на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), заедно со членови на партиските раководства, ќе се состанат денеска, во нов обид да постигнат договор за формирање на идната косовска влада.

Информацијата, ја потврдија шефовите на пратеничките групи на двете партии, нагласувајќи дека во двата табори постои оптимизам оти договор ќе се постигне.

Обајцата најавија интензивирање на средбите на партиските раководства во наредните денови, со цел да се надминат и последните разлики во ставовите околу идната структура на власта.

Пред продолжувањето на средбата на работните групи, лидерите на двете досега опозициски партии за денеска свикаа седници на партиските претседателства. ВВ соопшти дека Курти ќе го собере Претседателството во 9 часот, додека од ЛДК објавија дека Мустафа ја свикал седницата за во 11 часот.

До застој во преговорите меѓу двете партии, кои започнаа веднаш по објавувањето на првичните резултати од гласањето на 6 октомври, дојде откако ЛДК истапи со барање да ја преземе функцијата претседател на државата, откако во април 2021 година ќе му заврши мандатот на актуелниот претседател Хашим Тачи.

Конститутивната седница на новиот, седми по ред, состав на Собранието на Косово, претседателот на државата, Тачи првично ја свика за 24 овој месец, а вчера ја промени својата одлука и го помести датумот за 26 декември. Тоа е последниот законски рок за одржување на седницата, со оглед дека конечните резултати од гласањето на вонредните парламентарни избори одржани на 6 октомври Централната изборна комисија на Косово ги објави на 27 ноември.