Регион

Нов осомничен за убиството на новинарката во Бугарија притворен во Германија

Нов осомничен за убиството на новинарката во Бугарија притворен во Германија

Притворен е нов осомничен во врска со убиството на бугарската телевизиска новинарка, Викторија Маринова, маж на возраст меѓу 20 и 30 години, објави весникот 168 Часа, а пренесе германската агенција ДПА.

Осомничениот е уапсен во Германија, се вели во извештајот. Наводно тој ја напуштил Бугарија во неделата и заминал во Германија каде што живее неговата мајка.

Телевизиската станица ТВН објави дека тој не ја познавал убиената новинарка.

Телото на 30-годишната новинарка беше пронајдено во саботата недалеку од река во градскиот парк во нејзиниот роден град Русе, на северот од Бугарија. Обвинителите велат дека била силувана, тепана и задавена.

Бугарскиот министер за внатрешни работи, Младен Маринов, рече дека до овој момент нема докази оти убиството е поврзано со нејзината новинарска работа.

Сепак, медиумите се фокусираат на нејзината неодамнешна работа. Маринова работела за телевизиската станица ТВН од Русе, каде се емитувала нејзината емисија „Детектор“. Во последното издание на 30. септември, таа претставила двајца новинари кои истражувале наводен случај на корупција поврзан со фондовите на ЕУ. Рекла и дека нејзината неодамна лансирана емисија ќе спроведе слични истраги.

Маринова, која има седумгодишна ќерка, била вклучена во истрага од група бугарски новинари за инфраструктурни проекти финансирани од Европската унија, со кои раководеле локалните власти.