Регион 01. септември 2020. / 15:00

„Њујорк тајмс“: Државата на Бојко Борисов е најсиромашната и најкорумпираната во ЕУ

„Њујорк тајмс“: Државата на Бојко Борисов е најсиромашната и најкорумпираната во ЕУ

Илјадници Бугари, разочарани од ендемската корупција, протестираа во саботата барајќи оставка на десноцентристичката влада на премиерот Бојко Борисов и на главниот обвинител во државата, пишува „Њујорк тајмс“ во текст посветен на протестите во Бугарија, што траат повеќе од 50 дена.

Демонстрантите, кои скандираа „мафија“ и „оставка“, го обвинуваат третиот кабинет на Борисов и главниот обвинител Иван Гешев за намерно забавување на истрагите за врски меѓу политичарите и олигарсите подложни на поткуп. Протести против тоа што многумина го нарекуваат „државно преземање„ и „мафијашки стил“ се одржаа и во уште неколку градови во балканската држава.

Доцна вечерта во петокот, полицијата уапси 18 лица по расправии за време на антикорупциските протести, но протестите во саботата беа во голем степен мирни.

Бугарија, најсиромашната и најкорумпирана држава-членка на Европската унија, одамна вети дека ќе се справи со корупцијата, но допрва треба да бидат уапсени високи државни функционери под обвениненија за корупција.

Општественото незадоволство ескалираше откако обвинители влегоа во канцелариите на двајца вработени кај бугарскиот претседател како дел од истрагата, што многумина ја сметаат за смислен напад врз претседателот Румен Радев, гласен критичар на владата.

Во своето обраќање кон нацијата, Радев изјави дека протестите покажуваат дека на Бугарите им прекипе и побара оставки од владата и главниот обвинител.

Борисов, чиј трет владин кабинет стапи на должност во 2017 година, се гордееше со изградбата на нови магистрали, со зголемувањето на приходите на граѓаните и со внесувањето на државата во „чекалната“ на еврозоната и изјави дека не планира да се повлече правдајќи се со корона кризата.

-Веќе толку многу сторивме, толку многу напори вложивме. Ништо не не задржува на позициите, освен одговорноста, изјави Борисов преку свој статус на Фејсбук.

Партијата на Борисов, ГЕРБ, изјави дека Радев, кој беше номиниран од опозициските социјалисти, предизвикува политичка криза. Според спроведените анкети, ГЕРБ останува најпопуларна политичка партија во Бугарија. Следните парламентарни избори треба да се одржат на пролет 2021 година.

На неодамнешните протести крај Црното Море кај Бургас, стотици Бугари побараа да стигнат до државното земјиште на брегот во чија близина се наоѓа летната резиденција на Ахмед Доган, бизнисмен и почесен претседател на етничката турска партија ДПС. Протесдтите беа организирани откако на водачот на малата либерална партија не му беше дозволен пристап на брегот од страна на вооружени чувари, припадници на Националната служба за безбедност, кои го чуваат Доган.

Демонстрантите тврдат дека таквиот потег бил знак за токсични врски меѓу владејачката елита и мрачните интереси во балканската држава.