Регион 25. јули 2018. / 15:59

Најмалку 80 загинати во пожарите во областа Атика

Најмалку 80 загинати во пожарите во областа Атика

Бројот на загинатите во пожарите во регионот Атика се искачи на 80, откако еден 84-годишен маж им подлегна на повредите во атинската болница, каде што беше пренесен со сериозни изгореници.

Како што претходно јави дописничката на МИА од Атина, според официјалните податоци од грчката противпожарна служба, објавени пред да биде соопштено дека повредениот им подлегна на повредите, 79 лица го загубија животот во пожарите, а и понатаму е непознат бројот на исчезнати лица.

– Досега добивме десетици повици за регистрирање на исчезнати лица. Со оглед на тоа дека во тек е процесот на идентификација на телата на загинатите, можно е меѓу исчезнатите да се вклучени и овие 79 лица, чии тела се пронајдени, како и лица кои се вратија кај нивните најблиски, без да ги информираат надлежните власти, рече портпаролката на грчката противпожарна служба, Ставрула Малири и додаде дека и денеска продолжува потрагата по исчезнати во опожарените населби Вуѕа, Мати и Рафина.

Грција пожар

Паралелно, таа уште еднаш порача дека граѓаните чии блиски се исчезнати треба да пријават на бројот на противпожарната служба за да се одреди точниот број на лица на кои им се губи секаква трага.

Околу 200 инженери од Министерството за инфраструктура и транспорт на Грција, веќе започнаа со регистрација на штетите на објекти во погодените населби од пожарот.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, по регистрирани 720 куќи, 211 биле одбележани со црвена боја, односно дека штетата е голема, 234 добиле жолта, а 275 зелена боја, односно дека можат сопствениците да се вратат дома.

Паралелно во соработка со префектурата Атика, од улиците биле отстранети над 125 изгорени и уништени автомобили.

Грција пожар

Грчкиот Центарот за контрола и превенција на болести информира дека негови и психолози на противпожарна служба им стојат на располагање за пружање психолошка поддршка на лицата кои претпеа материјални штети во пожарот или загубија членови на семејствата.

Центарот соопшти дека во погодените населби ќе испрати специјални мобилни единици од епидемиолози, лекари и медицински сестри за контрола и заштита на јавното здравје, а на располагање на лицата од овие подрачја им стојат психолози.

– Од научна гледна точка, не интересира и психолошката поддршка за роднините на жртвите и на лицата кои гледаа како им се уништија имотите во оваа катастрофа, изјави претседателот на Центарот, Теофилос Розенберг.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, грчкиот информативен портал „Ин“, во текстот посветен на процесот на идентификација на телата на загинатите, пишува дека и противпожарната служба на Грција го ставила на располагање психолозите за поддршка на луѓето што ги изгубиле нивните најблиски во пожарите.