Сенад Даутовиќ од Нови Пазар без размислување и` помогнал на жена која престанала да дише иако знаел дека е заразена со корона вирус. За среќа, тој не се инфицирал.
Даутовиќ, кој како волонтер му помагал на персоналот во Општата болница во Нови Пазар, го направил подвигот кога на жената во просториите на болницата со вештачко дишење и` го спасил животот.
Звук од санитетската сирена најави дека стигнал уште еден пациент во критична состојба. Ја презедовме жената, која тешко дишеше. Додека стигнавме до ходникот на спратот, таа престана да дише. Се работеше за секунди кои одлучуваа за живот или смрт. Колегата почна да ги вика лекарите, одлуката ја донесов во секунда, почнав на жената да и` давам вештачко дишење. Немав време да размислувам за своето здравје, ниту за можни последици – вели Сенад, кој додава дека подоцна морал да се тестира за корона вирус, а тестовите покажале дека е негативен.
Тој бил меѓу педесетина волонтери кои за време на најкритичните денови на епидемијата помагале на персоналот на болницата.