Хрватската влада ја утврди годишната квота за вработување на странци во 2020 година од 78.470 работници. Квотата се однесува на нови вработувања на странци, сезонска работа, преместување на лица во друштвото како и спроведување стратешки инвестициски проекти.
За нови вработувања утврдена е квота од 64.604 дозволи. Притоа за градежништвото предвидени се 33.300, туризам и угостителство 18.370, сообраќај 2.904, металопреработувачката индустрија 2.300, прехранбената индустрија 1.410, земјоделие и шумарство 1.380 дозволи.
Предвидени се и 12.770 дозволи за сезонска работа од кои во туризмот и угостителството 12.000, а во земјоделие и шумарство 770.
Одлуката на Владата, исто така, овозможи да се зголеми прераспределбата на квотите во туризмот и угостителството, како и во градежништвото, за максимум 5.000 дозволи, во зависност од потребите и состојбата на пазарот на трудот.
Годишната квота за продолжување на веќе издадените дозволи за вработување на странци во Република Хрватска е 25.000 дозволи.
Министерот за труд во пресрет на седницата на Владата рече дека квотите се однесуваат на периодот на транзиција до донесување на нов закон за странци, кој нема да има систем на квоти и ќе го регулира увозот на работна сила. Законот, рече тој, треба да биде донесен во сила до крајот на првата половина на 2020 година и треба да вклучува странски работници да можат да бидат ангажирани кога ќе бидат исцрпени домашните извори.