Регион 30. октомври 2019. / 15:19

На грчкиот остров Самос ќе се гради нов прифатен центар за мигранти

На грчкиот остров Самос ќе се гради нов прифатен центар за мигранти

На островот Самос, каде што во прифатен центар за мигранти наменет за 648 лица, според официјалните податоци, престојуваат 5999 луѓе, ќе се гради уште еден центар за прием и идентификација, соопшти портпаролот на грчката влада, Стелиос Пецас.

– Самос има околу десет пати повеќе население во центарот за прием и идентификација од она што по правило би требало да има. Ситуацијата е многу тешка. Правиме сѐ што можеме за да ја растовариме областа и имаме јасен временски рок, нешто за кое ќе бидеме во можност да го соопштиме во следните денови, во однос на изградбата на друг центар за прием и идентификација за да може да стане похуман процесот за овие луѓе, како за жителите, така и за оние што се сместени таму – изјави Пецас.

За процесот на распределување на бегалците и мигрантите од островите во други делови на Грција, Пецас изјави дека е завршен конкурсот од Меѓународната организација за миграции (ИОМ) за хотелите кои што понудиле да примат лица што имаат профил на бегалци. Тој објасни дека ги разгледуваат резултатите, а соработуваат и со локалните власти и секогаш во согласност со локалното население.

– Она што ние гледаме да го направиме по завршувањето на конкурсот е да видиме кои се областите што се со прекумерен број, постојат други каде што има помалку и да постои распределба на праведен начин. Уште еднаш повторувам дека ова се однесува на луѓе кои имаат бегалски профил и во главно говориме за семејства – објасни Пецас на редовен брифинг со новинарите.

Утре e планирано грчкиот Парламент да гласа за новиот закон за процедурите за доделување азил, а веројатно обраќање пред пратениците ќе има и премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис.