Регион 16. март 2020. / 14:48

Можна забрана на лицата над 65 години да излегуваат од дома, дисциплината е загрижувачка вели Брнабиќ

Можна забрана на лицата над 65 години да излегуваат од дома, дисциплината е загрижувачка вели Брнабиќ

Српската премиерка Ана Брнабиќ, по состанокот на Кризниот штаб изјави дека Владата ќе донесе дополнителни мерки. Една од нив предвидува и оние на над 65 години да им биде изречена целосна забрана за излегување од дома.

Дополнителните мерки следуваат бидејќи ситуацијата со граѓанската дисциплина е загрижувачка, рече српската премиерка.

– На седница на Владата ќе ги заостриме мерките во врска со работењето на кафулињата и рестораните, односно бројот на луѓе кои се во нив, по квадратен метар по лице. Ќе ги затвориме сите шалтери во јавната администрација, на локално и републичко ниво, изјави премиерката, додавајќи дека сите документи, чиј рок истекнува, ќе продолжат да важат се до истекувањето на вонредната состојба, рече Брнабиќ.

Брнабиќ кажа дека утре ќе се разгледува одлуката дали на оние со над 65 години ќе им биде изречена целосна забрана за излегување од дома.

Таа истакна дека за оние кои ја нарушуваат мерката изолација, следува казна од  1.275 евра.

Српската премиерка изјави и дека ќе биде забранет извозот на сите лекови од Србија .

– Владата ќе донесе заклучок со кој ќе се ограничи купувањето заштитни маски, не повеќе од 10, десет ракавици, две поголеми средства за дезинфекција, пет помали, нагласи Брнабиќ.