Дваесетгодишно момче вработено во компанија за интернет безбедност е осомничено за хакерскиот напад на даночната управа на Бугарија.
Полицијата денеска го уапси младиот хакер кој нападот наводно го извршил кон крајот на јуни. Украл лични и финансикси податоци на речиси секој возрасен во државата, пренесе Телма.
– Три проценти од податоците на Управата за јавни приходи се компромитирани…Сепак, не ја исклучуваме можноста во системот да има уште слабости кои можеби се од внатре предизвикани со зла намера. – изјави министерот за внатрешни, Младен Маринов.
За нападот, надлежните дознале откако еден човек, кој тврдел дека е руски хакер, се јавил во локален медиум доцна во понеделникот и им понудил пристап до украдените податоци. Пријавено било во полиција, која откако ги споредиле 30 % од податоците сфатиле дека се истите кои ги содржи во Управата за јавни приходи.
За премиерот Борисов, младиот образован хакер сакал само да се докаже дека е многу способен.
– Посебно во полето на ИТ – технологијата имаме вистински волшебници, бидејќи тие се многу млади и способни. Многу е важно да најдеме начин да им плаќаме повеќе на луѓе како него, за да можеме да ги користиме во државните служби и за нас, наместо да прават штета и да ги осудуваме за криминал, треба да ги привлечеме да работат за државата. – смета Борисов.
Младиот хакер користел основна техника за крадење на податоци, што според експертите не станува збор за неговата спсобност, туку за слабата безбедност на податоците во Управата.
– Оваа небрежност доведе до експлозија на податоци, кои во моментов се достапни во цел свет. – вели Јасен Танев, експерт за сајбер безбедност.
Бугарската бизнис заедница остро реагираше на овој скандал. Од таму велат дека пред една година ја предупредила Управата за приходи дека е можно истекување на податоци од нивниот систем, но немало реакција. Сега бизнис заедницата бара детални информации за сите истечени документи да бидат испратени лично до засегнатите луѓе и комапнии.
Управата се соочува со казна од 20 милиони евра, што е 4% од нивниот годишен обрт.
Ова протекување на информации, најголемо во една балканска земја, содржи имиња, лични податоци и заработка на индивидуи и компании. Хакерот украл податоци од пет милиони луѓе, од вкупното седум милионско население во Бугарија. Полицијата се уште не ја затворила истрагата. Голема е веројатноста хакерот да имал и помошници.