Регион 05. ноември 2019. / 15:17

Мигрантите кои беа пронајдени во камион во Грција плаќале по 2.500 евра за да стигнат до Солун

Мигрантите кои беа пронајдени во камион во Грција плаќале по 2.500 евра за да стигнат до Солун

Mигрантите кои вчера беа пронајдени во камион на автопат во близина на градот Ксанти, во североисточниот дел на Грција платиле по 2.500 евра на кримучарите за да дојдат во Грција, објави грчкиот весник „Катимерини“, повикувајќи се на нивните искази дадени пред полицијата.

Мигрантите, вкупно 41, кажале дека тргнале од Турција, а крајната дестинација им бил Солун.

Според „Катимерини“, 39 лица се од Авганистан, еден е од Сирија и еден од Иран, а од грчката полиција соопштија дека 40-годишниот возач на камионот, кој бил без возачка дозвола, е уапсен.

Полициски извори за весникот кажале дека возилото било со бугарски регистарски таблички и припаѓало на компанија со седиште во Бугарија.

При контрола на камионот, грчката полиција вчера ги пронајде и спаси мигрантите, а осум од нив поради лошите услови биле пренесени во болница.

Сите 41 мигрант се мажи, на возраст од 20 до 30 години.