Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во своето обраќање до граѓаните во врска со корона вирусот истакна дека Грција засега не е погодена како други земји, но истовремено порача дека граѓаните треба да бидат подготвени за најтешкиот удар што допрва ќе следува.
Во седум и полминутната видео порака до граѓаните, Мицотакис се осврна на владините како што рече, „строги превентивни мерки“, им се обрати на учениците кои „сега имаат многу слободно време“, порача „сите да се грижат за бабите и дедовците“, а го коментираше и ставот на црквата во врска со причестувањето и пренесувањето на корона вирусот.
Мицотакис изјави дека во изминатите денови имал потреба да се повика на вербата за да извлече сила.
Но, како премиер, должен сум да ги слушам научниците. Она што важи за јавните собири важи и за нашите цркви. Денес, не се на тест нашите верувања, туку нашата верба во здравјето на луѓето. Љубовта кон ближниот во која се колне самото православие. Затоа и верските должности треба да се прилагодат на реалноста. И колку што е можно, да се извршуваат од дома, да се ограничат големите собири. Црквата на верниците, впрочем е голема. Се надевам на поддршка и од раководството на црквата во заедничката цел. Но мојата институционална улога ми наметнува, јасно да заземам став за прашањето – порача Мицотакис.