Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис порача дека заканата од корона вирусот во Грција не е целосно завршена.
Направивме важни чекори напред, но за да не бидеме принудени повторно да отстапиме и евентуално да ги заостриме мерките, како што бевме принудени пред неколку седмици, потребна е колективна соработка и индивидуална одговорност – порача Мицотакис.
За време на информативната средба со надлежните министри и раководството на Противпожарната служба на Грција во пресрет на периодот за заштита од пожари, Мицотакис се осврна и на актуелната ситуација со корона вирусот и последните случувања во земјата, велејќи дека го загрижува фактот што гледа дека некои луѓе не се придржуваат до мерките, како што е одржувањето растојание и истакна дека особено е важна и потребна индивидуалната одговорност.
Мицотакис се осврна и на појавата на полни плоштади во грчките населби, особено во вечерните часови и претежно со млади лица по укинувањето на карантинот во земјата.
За да можеме постепено да му се вратиме на ритамот на нашиот живот, за да му се вратиме на нашето секојдневие и да се бориме со големата економска рецесија што доаѓа, треба сите да покажеме зголемено чувство на одговорност. Ова не е поле ниту за политичка ниту за идеолошка конфронтација. Ниту даваме некој вид отпор со тоа што се собираме на плоштад, без да ги одржуваме основните правила за хигиена – изјави Мицотакис изразувајќи надеж дека граѓаните ќе ја покажат истата одговорност како и во изминатите два месеци.