Регион 06. февруари 2020. / 12:30

Мицотакис за мигрантскиот проблем: Хуманоста мора да оди во чекор со националната безбедност

Мицотакис за мигрантскиот проблем: Хуманоста мора да оди во чекор со националната безбедност

Зборувајќи за мигрантскиот проблем, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во своето обраќање на свеченоста по повод 100-годишнината од формирањето на Крајбрежната служба на Грција ипорача дека владеењето на правото и хуманоста мора да бидат во чекор со грчката национална безбедност, со која нема играње.

Мицотакис потенцира дека грчките морски граници се заштитени.

Островите ќе бидат растоварени, првично од оние што веќе добиле статус на заштита. А нелегалните, оние кои влегуваат во земјата, знаејќи дека нема да добијат заштита согласно грчкиот закон, брзо ќе се враќаат во Турција и во државите од кои потекнуваат. Грција соработува со ЕУ за поддршка на враќањата во трети земји – истакна Мицотакис и додаде дека е неопходна и европска солидарност.

Во говорот, Мицотакис објасни дека во 2019 година мигрантскиот бран двојно се зголемил во споредба со 2018 година и достигнал до околу 72 илјади пристигнувања. Од нив, 22 отсто биле од Сирија, а речиси 40 проценти од Авганистан.

Грчкиот премиер истакна дека во изминатите седум месеци политиката на владата за конкретното прашање е променета.

– Од август, за четири пати се зголемија барањата кон турската крајбрежна служба за да ги контролира брановите во областите што се во нејзина одговорност. И самата е принудена позитивно да одговори на повеќето од овие барања. И покрај нашите разлики во другите прашања, очекувам соработката со нашите соседи во справувањето со ова критично прашање. Се надевам дека со текот на времето, ќе се вратиме на помалите бранови од минатото. Во рамките на Заедничката декларација на Европската унија и Турција, секоја страна мора да ја заврши нејзината работа – изјави Мицотакис.