Регион 26. ноември 2019. / 11:12

Мицотакис: Спречувањето на почетокот на пристапните разговори е дестабилизирачки фактор за Балканот

Мицотакис: Спречувањето на почетокот на пристапните разговори е дестабилизирачки фактор за Балканот

Ако се погледне целокупната слика, спречувањето на почетокот на пристапни разговори е дестабилизирачки фактор за Балканот, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во интервјуто за италијанскиот весник „Кориере дела сера“ во пресрет на денешната посета на Рим, одоговарајќи на прашањето дали стравува дека француското вето за С. Македонија и Албанија би можело да го дестабилизира Балканот.

Се плашам дека беше грешка. Ќе има притисоци врз Франција за повторно да размисли. Владата во Париз предлага план за одново разгледување на внатрешниот процес за интеграција и постојат некои валидни точки во она што го кажува Емануел Макрон. Но, ако се погледне целокупната слика, спречувањето на почетокот на пристапни разговори е дестабилизирачки фактор за Балканот – рече Мицотакис.

Мицотакис, како што пренесува МИА од Атина, денеска во Рим ќе се сретне со неговиот италијански колега, Џузепе Конте, а според грчки владини извори, една од темите за која што ќе разговараат ќе биде и европската перспектива на Западен Балкан и потребата процесот да остане жив.

Според истите извори, на средбата на двајцата премиери ќе стане збор и за гасоводите TAP и EastMed, а акцентот ќе биде посебно ставен на мигрантската/бегалската криза и за координацијата што е потребна на европско ниво.