Претседателот на Владата на Грција, Кирјакос Мицотакис во интервју за весникот „То Вима“, говорејќи за односите со Турција изјави дека грчките вооружени сили се подготвени и моќни за спречување каква било закана. Мицотакис, сепак, истакна дека за него вратата за дијалог со соседите секогаш ќе биде отворена.
Грчкиот премиер порачува дека „Грција не бара ништо, но и не отстапува ништо и не провоцира, туку разговара“, а паралелно истакнува дека негова намера е со Турција да се разговара на сите три нивоа: мерките за градење доверба, прелиминарни контакти и политички дијалог.
– Кога се сретнав со Ердоган, се стремев кон добрососедски односи, пријателство и дијалог со Турција. И инсистирам на овој пристап. Но, ова не значи дека Грција нема да ги брани нејзините суверени права со сите средства што ѝ стојат на располагање, активирајќи силен сплет на дипломатски иницијативи за успешно да се справи со последните потези на турската страна, кои се нелегални и вон меѓународната законитост и здравиот разум. Турција е исклучително изолирана во нејзините неодамнешни одлуки – вели Мицотакис и истакнува дека наспроти позицијата на Турција, ставовите на Грција наидуваат на поддршка од САД, Европа, Русија, Египет, Израел и сл.
Грчкиот премиер додава дека Грција, истовремено ја зајакнува и нејзината моќ за спречување преку неодамнешниот договор за авионите Ф-16 и Мираж.
Во однос на претстојната средба со американскиот претседател Доналд Трамп на 7 јануари 2020 во Белата куќа, Мицотакис вели дека Грција и САД се поблиску од било кога досега.
– Грција е кредибилен сојузник на Америка и очекувам ова да се потврди, не само на зборови туку и во пракса. Можеме уште повеќе да ја продлабочиме нашата одбранбена соработка, на пример во областа на дроновите. А исто така ќе започнеме разговор за да се снабдиме со авиони Ф-35, со тек на времето и кога тоа ќе го дозволат финансиските околности – вели Мицотакис и истакнува дека е особено важна и историска разврска на американската поддршка за гасоводот „EastMed“.
Грчкиот премиер во опширното интервју за денешното издание на весникот „То Вима“, говори на различни теми, поврзани со внатрешната и надворешната политика на Грција, а во врска со економијата истакнува дека за него, „2020 е година што ќе го означи конечниот крај на кризата и почетокот на деценија на континуиран напредок “.