Gрчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, по утринската неколкучасовна посета на малиот островот Касос во јужниот дел на Егејското море, на социјалните мрежи порача дека сакал за Божик да биде заедно со локалното население, со припадниците на вооружените сили и војниците од оддалечениот Касос и заедно да испратат порака на самодоверба, гордост и цврста одбрана на грчките суверени права.
Говорејќи пред локалното население, грчкиот премиер изјави дека неговото присуство на островот ја симболизира цврстата увереност за одбрана на националните права и националниот интегритет со употребува на сите средства што се на располагање и истакна дека Грција секогаш се стреми кон мирно решавање на разликите со Турција, имајќи го меѓународното право како водечки критериум.
– Цврсто верувам дека со дијалог можеме да најдеме решенија за проблемите што траат со децении. Но, овој дијалог во никој случај не може да биде во услови на притисок, уцени и провокации од соседната земја. Овде сме за да ја потврдиме нашата верба во меѓународното право. Но, и нашата апсолутна доверба во стратешките спречувачки способности на нашите вооружени сили – порача Мицотакис.
Тој паралелно изрази задоволство што во тешки услови за националните прашања, политичките сили во земјата покажуваат дух на единство.
Во однос на иднината на Грција во пресрет на новата 2020 година, Мицотакис наведе дека претходната деценија не била добра деценија за земјата.
– Издржавме, застанавме на свои нозе, останавме во цврстото јадро на Европа и сега сме подготвени со следната деценија, да се соочиме со многу поголем оптимизам – порача Мицотакис.
На малиот остров Касос, грчкиот премиер беше заедно со заменикот министер за национална одбрана Алкивиадис Стефанис и со заменикот министер за туризам Манос Консолас.