Регион 19. ноември 2019. / 10:42

Мицотакис бара од сите грчки региони да покажат солидарност за мигрантското прашање

Мицотакис бара од сите грчки региони да покажат солидарност за мигрантското прашање

Грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, им порачал на на префектите од целата земја дека Грција не може да бара солидарност од Европа во однос на мигрантското прашање, кога не постои солидароност меѓу различните грчки региони.

Мицотакис побарал да се покаже поголема солидарност за островите и истовремено најави изградба на затворени центри за мигрантите, како и вработување на над 1000 лица за чување на границите и прифатните центри.

Таквата реакција на Мицотакис доаѓа по негативните реакции и протестите на локалното население во одредени делови на Грција поради пренесувањето мигранти од островите во останатите региони низ земјата.

На средбата во премиерската палата со 13 префекти, Мицотакис рекол дека актуелната влада следи поинаква политика за конкретното прашање.

– Го сменивме законот за азил, го направивме построг. Следиме различна политика во чувањето на границите. Одиме кон формирање затворени центри за да контролираме кој влегува и кој излегува – рекол Мицотакис.

Министерот за цивилна заштита Михалис Хрисохоидис истакнал дека во справувањето со мигрантското прашање, надлежните мора пред сè да гарантираат дека Грците се безбедни и се чувствуваат безбедно и додал дека ќе се вработат 400 гранични полицајци во Еврос (на границата со Турција), 500 нови службеници во службите за азил и 800 лица задолжени за чување на границите на островите и прифатните центри.