Претседателот на Албанија Илир Мета го повика премиерот на таа земја, Еди Рама да не го провоцира поранешниот премиер Рамуш Харадинај, оценувајќи дека Харадинај е „жив херој за сите Албанци“, а Рама е „голем срам“, пренесува Газета Експрес.
– Тоа не е нова ситуација. На сите Албанци им е јасно, неговата мисија е заведување. Ги следев неговите игри, тој веќе ја премина границата и црвената линија, многу претеруваше, го провоцираше Харадинај, изјави Мета по повод оценката на Рама дека се бесрамни нападите на Харадинај на актуелниот претседател на косовската влада Албин Курти.
Мета го повика Рама повеќе да, како што наведе, не го провоцира Харадинај, пренесува Косово онлајн.
-Рамуш Харадинај може да има 500 проблеми како политичар, меѓутоа, Харадинај е жив херој за сите Албанци, додека „сопругата на Билал“ е голем срам и повеќе да не се занимава со семејството и ликот на Харадинај, бидејќи во дворот на неговото семејство има речиси 40 гробови, а кога тој ќе го напушти домот, се поздравува со 40-те браќа и роднини кои ги дале животите за независност на Косово и не би смеел повеќе да провоцира во името на челниците во Србија бидејќи може да добие одговор од Албанија, порача Мета.
Тој додаде дека повеќе нема да се прифаќаат „вакви игри“.
Рама претходно наведе дека се бесрамни нападите на Харадинај против Курти, оценувајќи дека „Курти може да биде се, но никогаш слуга на Србија“.
-Бесрамно Рамуш почна да го напаѓа Албин Курти! Албин може да биде се, но никогаш слуга на Србија! Би сакал да не подлегнавте на нападите заради намалувањето на царината, кои го уништија меѓународниот углед на Косово и Србија ја прикажаа како жртва во очите на светот, напиша Рама.
Во одговорот на Рама, поранешниот косовски премиер Харадинај оцени дека реакцијата на албанскиот премиер е разбирлива бидејќи му го „блокирал планот за поделба на Косово“.
– Фрустрацијата на Еди Рама за многумина е разбирлива. Знам дека не може да ми прости што го осуетив големосрпскиот план. Еди Рама, по враќањето од Москва не троши време, туку ги спроведува советите на Лавров, напиша Харадинај на својот фејсбук профил.