Регион 05. март 2020. / 18:40

Мета–Радев: Потребен е дијалог и оперативен план за мигрантската криза

Мета–Радев: Потребен е дијалог и оперативен план за мигрантската криза

Претседателите на Албанијаи на Бугарија, , Илир Мета и Румен Радев, на прес-конференција одговорија на прашање околу ситуацијата со големиот прилив на мигранти на турско–грчката граница.

Мета смета дека е потребен дијалог за да се избегнат какви било инциденти.

Ние тесно соработуваме со Фронтекс и секогаш сме заинтересирани да промовираме дијалог и здружување на силите за да избегнеме какви било инциденти или загрозување на животот на мигрантите за да може ова прашање да напредува. Состојбата да се надмине со дијалог, со ангажирање на ЕУ и на НАТО, бидејќи покрај хуманитарниот проблем, треба да се занимаваме и со проблемот од аспект на безбедноста – изјави Мета.

Неговиот бугарски колега Радев порача дека е потребен оперативен план за заштита на границите.

Предлагам да се подготви оперативен план за заштита на границите на ЕУ и градење капацитети во ЕУ за да може да се спречи хуманитарна криза. Не постои уникатно европско решение за проблемот со мигрантите, ниту оперативен план. Се надевам дека ќе се посвети поголемо внимание и ЕУ ќе разработи оперативен план во оваа насока – одговори Радев.

Тој посочи дека Турција не треба да биде оставена сама, но оти и Грција исто така мора да биде заштитена бидејќи ја чува европската надворешна граница.