Германската канцеларка, Ангела Меркел, на прес-конференцијата со грчкиот премиер Алексис Ципрас во Атина го користи името Северна Македонија за нашата држава, според она што го објави „Катимерини“.
Весникот на веб-страницата пренесува изјава од Меркел, во која вели:
„Благодарна сум му на Алексис Ципрас, кој работеше со г. Заев за решение за номенклатурата. Името Северна Македонија е јасно. Јасно е дека односите се формирани. Можам само да му честитам на грчкиот премиер бидејќи решението нема да биде од корист само за Грција и Северна Македонија, туку и за цела Европа.
Грчкиот премиер рекол дека разговарал со Меркел за Балканот и за важноста на преспанскиот договор за мирот, стабилноста и развојот на регионот и Европа.
Ја истакнавме важноста на преспанскиот договор за регионот и Европа. Договорот покажува дека општоприфатените решенија, без наметнување на двете страни една на друга, се изводливи, рекол Ципрас, пренесе „Катимерини“.