Регион 16. ноември 2019. / 15:30

Мас: Стабилизирањето на Западен Балкан меѓу задачите на германското претседавање со ЕУ

Мас: Стабилизирањето на Западен Балкан меѓу задачите на германското претседавање со ЕУ

Германија го презема претседателството со Европската унија во јули идната година, при што министерот за надворешни работи Хајко Мас објави дека една од задачите на Берлин ќе биде стабилизирање на Западен Балкан преку приближување во Унијата.

– Пред нас се големи задачи: водење фер трговска политика, поттикнување идни поблиски врски со Велика Британија, поддршка на нашите источни и јужни соседи во реформите и стабилизирање на Западен Балкан со приближување кон Европската унија – напиша Мас во авторски текст во „Франкфуртер рундшау“.

Мас најави дека Германија ќе се залага за силна и суверена Европа што би дејствувала постратешки и поодлучно во надворешната политика.

Шефот на германската дипломатија смета дека во година кога се одржуваат претседателските избори во САД, ЕУ мора повеќе да се инвестира во трансатлантското партнерство.

Тој најави самит на Кина и ЕУ во септември 2020 година.

Според Мас, ЕУ треба да дејствува побрзо и поефективно во управувањето со кризите во Сирија, Либија и зоната Сахел во Африка.

Мас исто така вели дека Германија сака да формира центар за цивилно управување со кризи за време на претседателството што ќе ја зајакне улогата на Европа како сила за мир.