Регион 15. јули 2019. / 21:19

Макрон искрен: Не е добро Србија пребргу да влезе во ЕУ

Макрон искрен: Не е добро Србија пребргу да влезе во ЕУ

Почеток на враќање на француското влијание во Србија и во регионот е главна карактеристика на дводневната посета на францускиот претседател Емануел Макрон во Белград.

Во фокусот на разговорите со српскиот претседател Александар Вучиќ беа економските и политичките теми, пред се косовското прашање и евроинтеграциите на Србија.

Во поглед на евроинтеграциите на Србија, а со тоа и земјите во регионот, Макрон изјави дека паралелно се реформите кои Србија треба да ги спроведе на европскиот пат, и ЕУ мора да се реформира за да биде подготвена да ја прими Србија.

Тој додаде дека не постои прецизен датум за влез во ЕУ, се додека Европа не се реформира.

Ова е процес во кој треба да се спроведат реформите и кога тие ќе се спроведат, може да кажеме дека тогаш завршивме со таа етапа. Колку побргу реформи, толку побргу ќе се завршат етапите -рече францускиот претседател.

Тој исто така, посочи дека можеби и не е многу паметно процесите да се одвиваат пребргу.

Потребно е да имаме два правца по кои треба одлучно да работиме. Европа не е бирократски процес. Не е само извештај…не е добро Србија пребргу да влезе во ЕУ – оцени Макрон.

За разлика од него српскиот претседател изјави дека го сфатил ова излагање на Макрон за евроинтеграциите, дека се работи за два паралелни процеса. Еден е процесот на приближување на Европа, решавање на проблемот со Приштина, реформи во сектрорт на правото и други неопходни реформи, кои Србија веќе ги спроведува.

Вучиќ наведе и дека со Макрон разговарал „за она што се случи во Берлин и за она што не се случило во Париз“.