Регион 02. април 2020. / 14:50

Литургиите во грчките цркви за Велигден ќе се одвиваат зад затворени врати

Литургиите во грчките цркви за Велигден ќе се одвиваат зад затворени врати

Свечените литургии за време на неделата пред Велигден, во црквите ќе се одржат скромно, без мегафони и без биење на камбаните, зад затворени врати, одлучи Светиот синод на Грчката православна црква по вчерашниот повеќечасовен состанокот одржан телеконференциски и ги повика сите да се придржуваат кон „упатствата на здравствените власти и научниците и да не бидат под влијание на оние кои укажуваат на непослушност, што во овој момент не е оправдано ниту во името на христијанската вера“, јави дописничката на МИА од Атина.

Светиот синод на ГПЦ, паралелно ја поздравува изјавата на министерката за образование и религија на Грција Ники Керамеос за литургии зад затворени врати и паралелно додаваат дека доколку помине опасноста, ноќта меѓу 26 и 27 мај ќе се одржи свечена литургија за Воскресението.

-Посакуваме и се молиме опасноста набргу да помине за сите заедно (свештенството и народот) да успееме да го славиме Воскресението на нашиот Господ со свечена целовечерна литургија за Воскресението за време на деновите по Велигден, односно во текот на ноќта меѓу вторник 26 и среда 27 мај 2020, соопштуваат од Светиот синод.

На состанокот било одлучено Грчката православна црква да одвои 150 илјади евра помош за здравствените институции во Грција, а членовите на Светиот синод, ќе достават една плата за специјалната сметка за справување со коронавирусот и ги повикаа и останатите свештени лица да го сторат тоа.