Сопственик на фурна во Солун, одлучил купувачите освен со евра, да можат да плаќаат и со криптовалутата биткоин, објави грчката новинска агенција АНА-МПА.
Сопственикот на фурната Стратос Инглезакис за АНА-МПА вели дека безбедноста на трансакциите и неговата љубов кон технологијата биле причина за одлуката, но објаснува дека засега мал е бројот на оние кои одбираат да платат со биткоини.
– Причината што решив во мојата продавница да спроведам плаќање со битокин е љубовта кон технологијата, слободата што ја нуди како децентрализирана валута и секако безбедноста на трансакциите – коментира Инглезакис.
Сопственикот на фурната вели дека пита со сирење чини 1,80 евра што во биткони е 0,00023760 и објаснува дека за да се плати, потребно е да се симне апликацијата.
Еден биткоин изнесува 7.559,81 евра или 464.815,89 денари.