Регион 13. јануари 2020. / 10:55

Китаровиќ: Корупцијата во Хрватска почнува во училиште

Китаровиќ: Корупцијата во Хрватска почнува во училиште

Претседателката на Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ пред новинарите изјави дека корупцијата во хрватското општество веќе почнува во училиштата, каде што децата кои препишуваат и мамат на тестови се слават како херои.

Претседателката, која ја напушта функцијата во февруари, посочи дека корупцијата може да се најде насекаде во хрватското општество, но и дека почнува во училниците. Оние што добро ги пишуваат тестовите, се вели дека се „бубалици“, а оние што препишуваат и мамат на тестовите се херои.

– Таму почнува корупцијата, меѓу децата. Бараат начини како да го измамат системот и тоа не е ограничено само во политиката. Сепак, подобро е отколку што беше, но не е работата само во политиката – изјави Колинда.

Претседателката во заминување додаде дека секојдневните обичаи во хрватското општество исто така ја поддржуваат корупцијата.

– Честопати, ние не сме ни свесни што е всушност корупцијата. Кога одите на лекар, сите очекуваат да донесете барем цвеќиња, чоколада или нешто слично. Тоа е обичај. Мајка ми неодамна беше во болница и пријателите ме прашуваа зошто не сум однела ништо во болницата, бидејќи медицинските сестри го очекувале тоа. Им реков дека нема да учествувам во оваа форма на корупција. Ќе однесев мал подарок за Божиќ, но тоа е тоа. Светла точка за мене се младите луѓе кои ја напуштија Хрватска во различни странски земји и кои ќе се вратат и ќе донесат различна етика и работен однос од таму и дека ќе профитираме преку тоа – истакна Грабар Китаровиќ.

Последната анкета на Евробарометар покажува дека повеќето Хрвати, 59 проценти, веруваат дека корупцијата им го загрозува нивниот секојдневен живот. Најмногу од сите членки на ЕУ, 16 проценти од Хрватите веруваат дека тие биле изложени на корупција.