Регион 11. декември 2018. / 10:19

Катастрофален извештај за македонската инфраструктура – се се гради преку кредити

Катастрофален извештај за македонската инфраструктура – се се гради преку кредити

Земјите од Западен Балкан во инфраструктура, во просек вложуваат околу еден процент од БДП, а би требало инвестирањето во овој сектор да биде од осум до 12 пати повеќе. Меѓутоа, проблем претставува и тоа што сите вложувања се преку кредити, што претстаува закана за макроекономската стабилност, стои во извештајот за инвестиции во Западен Балкан, направен од Виенскиот институт за меѓународни економски односи, пренесуваат медиумите од регионот.

Во извештајот се наведува дека покрај европските финансиски институции, во инфраструктурата на Западен Балкан се повеќе влегуваат и кинески кредитори, кои по правило договорите ги прават на начин што изведувачите на работите се нивни компании, носат свои работници и материјали, што во пракса значи дека Кина дава кредит за активност и раст на сопствената економија, а со тоа заработува и на камати.

Авторите на извештајот потсетуваат дека инфраструктурата во Србија, Македонија, Босна и Херцеговина и Албанија се финансира преку Европскиот инвестициски фонд за Западен Балкан и кинеската иницијатива “Појас и пат”.

– Европските фондови од почетокот на 2018 година финансираа 146 инфраструктурни проекти со 10,9 милијарди евра. Поголем дел од вложувањата се кредити, и тоа 7,9 милијарди. Кинеските финансиери вложиле 7,8 милијарди евра, и тоа само по пат на кредити. – се наведува во извештајот.

Во извештајот на Виенскиот институт за меѓународни односи се наведува дека земјите од Западен Балкан треба да бараат алтернативен извор на финансирање, како што се јавно-приватно партнерство или концесии, со цел да се избегне задолжување.