Рестриктивните мерки во Грција со кои се ограничува слободното движење на граѓаните, се продолжуваат за една седмица, односно наместо до 27 април, во сила ќе бидат до 4 мај, соопшти портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас.
Пецас објасни дека намерата на владата е по 4 мај, да се укине обврската на граѓаните да праќаат смс порака или со себе да го имаат потребниот документ за да излезат од дома, но комплетниот план за постепено и организирано враќање во нормала ќе го соопшти грчкиот Премиер.
-На почетокот на следната седмица, Премиерот Кирјакос Мицотакис ќе им се обрати на Грците за да го претстави конкретниот план на Владата. Односно, рамката во која ќе се движиме во следниот период. Како што имаме кажано, префрлувањето во нова нормала ќе биде бавно, ќе се развива во последователни фази, последователно во мај и јуни. Во секоја фаза, ќе се оценуваат влијанијата врз здравјето на населението и ќе се движиме напред седмица по седмица, објасни Пецас и додаде дека и во тој период, основен елемент на обидите на владата ќе биде „навременото и точно информирање, за да не се остави простор за fake news и дезинформации“.
Портпаролот на грчката Влада објасни дека за олабавувањето на мерките, за временскиот период, за отворањето на училиштата – дали тоа ќе биде хиерархиски, ќе зависи од препораките и упатствата на експертите.