Словенија треба да го признае Ерусалим како главен град на Израел, и на тој начин да го следи потегот на американската администрација на претседателот Доналд Трамп, неодамна изјави водачот на словенечката опозиција и поранешен премиер на Словенија Јанез Јанша во разговорот за еден израелски весник, во кој тој ја критикуваше политиката на претходната и сегашната словенечката влада. Неговата изјава предизвика изненадување кај словенечката јавност.
Како што коментираат словенечките медиуми, Јанша признавањето на Ерусалим како главен град на Израел не го предлагаше ниту оваа пролет, кога тој остро ја критикуваше намерата на владата на Миро Церар да ја признае независноста на Палестина.
Подоцна премиерот Миро Церар се откажа од тоа, а Јанша своето противење на намерата на Владата го толкуваше со фактот дека повеќето земји на ЕУ не ја признаваат Палестина.
Сега лидерот на опозицијата предлага потег што ќе биде еклатантно спротивен на политиката на ЕУ, затоа што Ерусалим како главен град не е признат од ниту една членка на ЕУ, а на церемонијата на отворањето на Амбасадата на САД во Јерусалим присуствуваа само амбасадорите на четири членки, меѓу кои ја немаше и Словенија, пишува во коментарите на изјавата на Јанша порталот Siol.net.