Словенечкиот премиер Јанез Јанша, кој веднаш по гласањето на 3 ноември побрза да го поздрави успехот на Доналд Трамп на изборите во САД, денеска во словенечкиот Парламент изјави дека ќе му честита на идниот претседател на САД само кога резултатите од изборите ќе бидат конечни и официјални.
Јанша ги отфрли критиките од пратениците од опозицијата дека со својата поддршка за Доналд Трамп, кој на крајот ги загуби изборите, направи „дипломатска катастрофа“ за Словенија затоа што новата американска администрација ќе ја игнорира неговата влада.
-Изборите се завршени кога другата страна ќе го признае поразот или кога ќе бидат објавени официјални резултати, а се што во меѓувреме ќе се каже е политика, рече Јанша.
Тој додаде дека со задоволство ќе му честита на победникот на изборите кога ќе дојде време и дека нема да се однесува како оние кои веднаш испратија честитки „следејќи го медиумскиот бран“, но ќе продолжи да постапува според принципот „да размислува со сопствената глава“.
-Словенија негува добри стратешки и партнерски односи со САД, без оглед на тоа која администрација е на власт. Тоа беше случај во сите влади што ги водев и така ќе остане и во иднина, рече Јанша денеска во парламентот, додавајќи дека времето ќе покаже кој бил во право и дека неговите твитови за поддршка на Трамп нема да влијаат на односите со САД.
По изборите, кога пребројувањето на гласовите беше далеку од конечно, Јанша го поздрави тогашното водство на Трамп како готов факт.
На претседателските избори во САД, кандидатот на демократите Џо Бајден освои повеќе од потребниот број гласови, а сите поголеми медиуми ја објавија неговата победа, која потоа ја честитаа речиси сите светски лидери.
Претседателот Трамп не го призна поразот, тврдејќи дека имало наводна кражба на гласови на изборите.