Регион 14. ноември 2019. / 10:54

Изетбеговиќ: Заклучоците на Народното собрание на Р.Српска се неспроведливи

Изетбеговиќ: Заклучоците на Народното собрание на Р.Српска се неспроведливи

Претседателот на Партијата за демократска акција (СДА), Бакир Изетбеговиќ ги оцени синоќешните заклучоци на Народното собрание на Република Српска како неспроведливи, во кои, меѓудругото, се зборува за враќање на одземените надлежности на ниво на ентитети, како и за можноста за самоопределување на Република Српска.

Тоа беше обид со невистини ентитетот да се обиде да и се наметне на државата. Тоа во овој момент е неспроведливо. Целта е можеби во иднина, со надеж дека НАТО ќе биде „мртов”, некои работи, сепак, да се спроведат – истакна Изетбеговиќ во дневникот на федералната телевизија ФТВ.

Тој смета дека е крајно време меѓународната заедница во БиХ да им се спротивстави на овие појави за тие конечно да запрат.

Изетбеговиќ ги повика членовите на Управниот одбор на Советот за имплементација на мирот (ПИЦ) конечно да го предупредат Милорад Додик.

Народото собрание на Република Српска на посебна седница, што траеше синоќа до длабоко во ноќта, усвои инфорамција за неуставната трансформација на дејтонската структура на БиХ и влијанието на положбата и правата на Република Српска.

Притоа беа усвоени 20 заклучоци што се однесуваат на иницијативата за укинување на Канцеларијата на високиот претставник, укинување на бонските овластувања, почнување реформа на правосудните институции на ниво на БиХ, потоа зачувување на дејтонската структура и широка автономија на ентитетите до самоопределување, како и соработка со НАТО, но не и членство на БиХ во Алијансата.