Претседаелот на Партијата за демократска акција, Бакир Изетбеговиќ, по повод Денот на државноста на БиХ, што се одбележува само во Федерацијата БиХ, изјави дека „секоја педа од таа државност е заедничка“ и дека „во БиХ ништо не е српско, освен името на Република Српска“.
Изетбеговиќ коментарот го даде како одговор на вчерашната изјава на членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, за тоа дека „Бошњаците мораат да знаат дека БиХ не е нивна, а РС е исклучиво наша“, пренесуваат саревските медиуми.
– Секоја педа од оваа земја е заедничка, ништо во БиХ не е српско освен името на Република Срспка, а не знам дали и тоа ќе остане доколку Додик продолжи со ваквите изјави – изјави Изетбеговиќ, честитајќи го овој, како што кажа, голем ден, роденденот на Босна и Херцеговина.
Според него, БиХ оди во вистинска насока, со потсетување дека станува збор за држава која постои илјада години, и како што кажа, ќе постои уште илјада.
Коментирајќи ја Програмата за реформи за НАТО, тој рече дека со тој документ е „ деблокиран патот кон НАТО што долго беше во застој, деблокирана е имплементацијата на реформата за одбрана, деблокирана е и работата на Парламентарното собрание на БиХ , формирањето на новите структури на власта….“.
– Тоа е еден добар документ. Му благодарам на Додик што направи таква работа – изјави Изетбеговиќ.