Уште неколку минути остануваат до затворањето на избирачките места во соседна Грција.
Нашите соседи денеска, за прв пат во месец јули, гласаат на предвремените парламентарни избори.
Подобра иднина, помалку даноци и кратења, а подобрување на личната финансиска состојба, очекуваат Грците од новата влада, која партија и да победи на денешните предвремени парламентарни избори.
Дописничката на МИА од Атина посети неколку гласачки места и поразговара со Грците кои го остварија правото на глас. Дел од нив се убедени дека од утре, Кирјакос Мицотакис, лидерот на Нова демократија ќе биде новиот премиер на Грција, друг дел резервирано, не сакаат да прогнозираат, но и едните и другите велат дека новата грчка влада, треба да и донесе безбедност и економски развој на земјата.
Според последните анкети, се очекува лидерот на Нова Демократија Кирјакос Мицотакис да освои мнозинство од гласовите. Неговата победа, се очекува, окако на изборите за Европскиот Парламент, убедливо ја победи СИРИЗА на Алексис Ципрас.
Гласачките места се отворени во 7 часот по локално реме, а правото на глас го остваруваат речиси 10 милиони Грци. Гласањето трае до 19 часот, а првите официјални резултати од Министерството за внатрешни работи на Грција, кое е и надлежно за пребројувањето на гласовите, се очекува да бидат соопштени околу 21 часот по локално време.
За парламентарните избори, Грција е поделена во 59 изборни единици, во кои што се одбираат 288 од 300те пратеници колку што брои грчкиот Парламент. Останатите 12 се на листа која важи за целата земја.
Вкупно 20 партии учествуваат во трката, а една партија за да влезе во грчкиот Парламент потребно е да добие минимум 3% од гласовите. Во зависност од тоа колку мали партии ќе обезбедат место, така и се распределува бројот на пратеници. Односно, помалку партии повеќе пратенички места за победникот и обратно.