Регион 07. април 2018. / 13:24

Избори во БиХ: Режисерот на „Ничија земја“ влегува во политика

Избори во БиХ: Режисерот на „Ничија земја“ влегува во политика

Филмскиот режисер награден со Оскар, Данис Тановиќ, активно ќе се вклучи во политиката и ќе настапи како кандидат на октомвриските избори во Босна и Херцеговина на листата на Наша партија, пренесуваат тамошните медиуми додавајќи дека оваа партија според сѐ судејќи ќе истакне и кандидат за член на Претседателството на БиХ, веројатно од редот на хрватската заедница.

Актуелниот претседател НП, Пеџа Којовиќ најави во интервјуто за сараевската комерцијална телевизија Face TV дека партијата најверојатно ќе има свој кандидат за член на Претседателството на БиХ, но не сакаше да го спомене неговото име, туку рече дека станува збор за личност која студирала на престижниот универзитет Харвард и која е во состојба да понуди и реализира визија на сосема поинаква БиХ отколку што е денес, оптоварена со проблеми, судири и заостанувања во секоја сфера.

„Станува збор за извонреден Босанец и Херцеговец, човек кој БиХ ќе ја доведе до центарот на европските институции и во Париз и во Лондон и во Белата куќа“, рече Којовиќ додавајќи само дека станува збор за личност со долгогодишно искуство во работата во структурите на Обединетите нации.

Данис Тановиќ кој ја доби престижната награда Оскар за филмот „Ничија земја“ најверојатно ќе биде носител на листата на НП за Претставничкиот дом на парламентот на БиХ.