Регион 22. декември 2019. / 20:30

Истанбул ќе го добие својот втор Босфор

Истанбул ќе го добие својот втор Босфор

Турција е сериозна во намерата да гради мега проект. Во наредните неколку недели државата распишува тендер и го започнува спроведувањето на проектот „Истанбулски канал“. Ова денеска на средба со турските извозници го најави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

Тој појасни дека „Истанбулскиот канал“ е еден од најголемите стратешки проекти во Турција и планира да го елиминира растечкиот ризик што го предизвикуваат бродовите што сообраќаат помеѓу Црното и Мраморното море, а особено сообраќајот на танкерите низ Босфор.

– Во наредните недели ќе го распишеме тендерот и ќе го започнеме проектот „Истанбулски канал“. Не станува збор за проект кој е почнат пред една недела или една година, ова е чекор направен во последните месеци од мојот мандат како градоначалник на Истанбул, рече Ердоган.

Според турските власти, шест големи несреќи предизвикале смрт на 100 луѓе и протекување на 108.000 тони нафта во Босфор од 1960-тите.

Каналот со должина од 45 километри ќе биде изграден западно од центарот на градот, на европската страна на провинцијата Истанбул и треба да го зголеми дневниот капацитет од 160 бродови.