Поддршка за референдумот, но и координација и дејство пред уставните измени, сугерираат интелектуалците од Албанија за албанскиот политички фактор во Македонија. Според поранешниот шеф на дипломатијата во Албанија, Паскал Мило, Албанците треба да создадат платформа со барања за нивната позиција, со која ќе условат уставни измени за името. Сепак, тој бара во оваа фаза, прашањето да не се гледа од национален или политички план.
„Прашањето не треба да се дискутира или да се суди во тесен национален план, едноставно национален, ниту во тесен политички план, туку е моментот за рефлектирање и да се види пошироко дека референдумот и последиците кои ќе следат по референдумот со интегрирање на земјата во НАТО и ЕУ, ги поминуваат тесните интереси на партиите и тесните интереси на мнозинска заедница, како што се Македонците во Македонија“, рече Мило.
Меѓу првите услови, што според поранешната заменик министерката за надворешни работи на Албанија, Едит Харџи, треба да биде Законот за јазиците.
„Албанскиот фактор во Македонија или политичкиот фактор, албанското цивилно општество да опстои силно на идејата двете уставни измени, името и официјализирањето на албанскиот јазик да поминат веднаш и истовремено. Ако тоа не се прави и остане по поминувањето на референдумот и по уставните измени околу името, тогаш стравувам дека ова ќе остане“, изјави Харџи.
Професор Африм Красниќи од Институтот за политички студии вели дека гласот „За“ моментално е во интерес на албанскиот фактор, но нивната позиција во оваа земја се уште не е регулирана.
„Целиот овој апел има своја важност, но по референдумот, позицијата на Албанците во Македонија се регулира со западот, има јасна атлантска перспектива, но не е решено во сржта на проблематиките кои ги имаше Охридскиот договор и низа други меѓународни задачи за Македонија. До некаде е време нашите елити таму да рефлектираат за да сфатат каде е направена грешката за да се најде некоја агенда за регулирање на многу работи кои можеле да се направат“, рече Красниќи.
Академик Беќир Мета оценува дека паралелно со планираните уставни измени, земјата треба да премине во Федерална Република.
„Барем Албанците требаше да направат обиди оваа Република Северна Македонија да се именува Република Федерална Северна Македонија, борејќи се за тоа во ова време. Ако тоа не се постигне сега, сигурно тогаш овој предлог треба да остане во актите на понатамошните преговори, со цел во понатамошниот процес да продолжи овој обид. Ако го земеме како готов фактот дека нема промена на граници на Балканот, бидејќи оваа држава ќе биде вечна и стабилна, тогаш најмалку оваа држава да функционира врз федерална основа и според добрите европски модели“, рече академик Мета.
Речиси сите интелектуалци во Тирана беа на мислењето дека официјална Тирана била речиси тивка околу процесот на референдумот во Македонија, особено околу улогата на албанскиот фактор и албанскиот идентитет таму.
Конференцијата со наслов „Референдумот и албанскиот идентитет во Македонија“ во Тирана беше организирана од Центарот за меѓународни односи и балкански студии.