Регион 07. октомври 2018. / 21:42

Во Романија пропадна референдумот, излегоа само 19% од гласачите

Во Романија пропадна референдумот, излегоа само 19% од гласачите

Романските конзервативни организации и Православната црква не успеаја да мобилизираат доволен број гласачи за да успее референдумот за уставни измени во однос на дефиницијата на бракот, јави Балкан инсајт.

И покрај тоа што владата цели два дена ги држеше отворени избирачките места, а моќната романска православна црква вложи големи напори да ги мобилизира поддржувачите, само околу 19 проценти од Романците гласаа во саботата и неделата.

Избирачката комисија во Романија соопшти дека два часа пред затворањето на избирачките места, излезноста била 19 отсто, додека најмалку 30 отсто од регистрираните гласачи требаше да излезат на референдумот.

Беше предложен уставен амандман за промена на дефиницијата за брак: наместо заедница на „сопружници“ – како што е сега, бракот да биде заедница на „маж и жена“.

Истополовите бракови веќе се незаконски во Романија.

Официјалните податоци се очекуваат утре, но романските организации за човекови права и некои политичари уште вечерва почнаа да слават.