Независниот пратеник Харис Теохарис изјави за грчката новинска агенција „АНА-МПА“ дека е подготвен да гласа за договорот за името помеѓу Атина и Скопје, кога ќе бидат направени уставните измени.
„Настаните во последните неколку часа покажаа дека договорот се движи напред. Промените го налагаат она што е факт. Имено, словенскиот јазик и словенските народи немаат никаква врска со грчката историја и Александар Велики. Договорот навистина е во интерес на нашата земја и јас ќе гласам за него“, вели Теохарис.
Пратеникот изрази сомневање дека лидерот на „Независни Грци“ и министер за одбрана, Панос Каменос ќе ја повлече партијата од коалициската влада ако договорот стигне до ратификација во парламентот. Според зборовите на Теохарис, тој нема да има проблем да даде поддршка за прашања со кои што смета дека владата управува правилно.
Претходно денеска со коментар се огласи опозициската партија „Нова демократија“ која го повтори ставот дека нема да гласа за договорот./Makfaks