Осум обвинители положија заклетва пред албанскиот претседател Илир Мета како членови на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), што претставува голем чекор во воспоставувањето на Специјалната структура против корупцијата и организираниот криминал, позната како СПАК, во Албанија, соопшти денеска прес-службата на претседателот.
На церемонијата на заклетвата присуствуваа и домашни и меѓународни претставници, кои помогнаа во подготвувањето на реформата во правосудството.
Албанското СЈО се состои од најмалку 10 обвинители, кои се назначени од Врховниот обвинителен совет на 9 години без право на преназначување.
СЈО официјално ќе го замени Обвинителството за сериозни злосторства во Албанија и сите истражни досиеја ќе бидат пренесени во СЈО и ќе бидат испитани од новооткриените обвинители.
Овие обвинители се очекува да ги идентификуваат, да ги истражат и да ги изведат пред лицето на правдата корумпираните сегашни и поранешни функционери и раководители на криминални групи.
Амбасадорот на Европската Унија во Албанија, Луиџи Сорека, го поздрави почетокот на работата на специјалните обвинители преку објава на Твитер.
–Ова е уште една важна пресвртница за спроведување на правосудните реформи. Борбата против корупцијата и организираниот криминал е главен приоритет за Албанија на патот за пристап во ЕУ – вели Сорека во твитот.
Албанија ја усвои својата програма за реформа во правосудството во 2016 година, во надеж дека ќе ги отстрани корумпираните обвинители и судии и ќе создаде нова институционална рамка способни да и се спротивстават на корупцијата меѓу политичарите и службениците на високо ниво.