Регион 05. јуни 2020. / 11:50

Хоти: Главен преговарач со Србија сум јас, а не Тачи

Хоти: Главен преговарач со Србија сум јас, а не Тачи

Новиот премиер на Косово Авдулах Хоти вели дека тој ќе го води дијалгот за нормализирање на односите со Србија, затоа што тоа е негово право и обврска согласно Уставот на Косово.

Во интервју за косовската јавна телевизија РТК, Хоти се повика на одлука на Уставниот суд на Косово од 2019 година, според која премиерот, а не претседателот на државата, во случајот Хашим Тачи, е тој што ја претставува земјата во преговори на меѓународен план.

Новиот премиер на Косово, избран завчера, на 3 јуни, информира дека истиот ден, недолго по изгласувањето на неговиот предлог за составот на новата косовска Влада, разговарал со посредникот на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, словачкиот дипломат Мирослав Лајчак.

Тој рече дека контактирал и со шефот на дипломатијата на ЕУ, Хосеп Борел, како и со другите институции, на кои им кажал дека тој ќе биде главниот преговарач со Србија.

– Веднаш по изборот јас имав контакт со Лајчак и нему му се јасни нашите ориентации во однос на дијалогот. Ги воспоставивме првите контакти со него, како и со Борел и другите институции. Што се однесува до начинот како ќе се одвива дијалогот, тоа е јасно: главен преговарач сум јас. Тоа го вели Уставот, не јас, изјави Хоти.

Според новиот косовски премиер, погрешно е да се избира кој од меѓународните фактори ќе посредува во преговорите Приштина – Белград.

– Јас нема да ја направам грешката со избирање меѓу Соединетите Американски Држави и Европската унија. Ние сме и со САД и со ЕУ, изјави Хоти.