Регион 08. March 2019. / 21:44

Харадинај: Верувам дека наскоро ќе ги решиме проблемите со Србија, а Косово ќе ја постигне целта

Харадинај: Верувам дека наскоро ќе ги решиме проблемите со Србија, а Косово ќе ја постигне целта

Kосовскиот премиер Рамуш Харадинај, во пресрет на утрешната посета на високиот претставник на Вашингтон Дејвид Хејл во Косово, изрази уверување дека проблемите на неговата држава со Србија ќе се решат многу наскоро, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај пред посетата на подсекретарот за политички прашања во американскиот Стејт департмент, Хејл, кој во Приштина ќе допатува по денешната посета на Белград, изјави дека „со решавањето на повеќегодишниот грч, Косово конечно ќе успее да ја реализира својата намера за зачленување во Обединетите нации“.

– Јас верувам дека проблемите кои ги имаме во односите со Србија ќе се решат многу наскоро и сите ние ќе имаме подобар живот во регионот, а Косово ќе ја постигне својата цел – да се зачлени во Организацијата на обединетите нации, што ќе овозможи подобар живот и економски развој на земјата, изјави косовскиот премиер на одбележувањето на 10-годишнината на паријата на косовските Бошњаци, Нова демократска партија.

Медиумите во Косово напоменуваат дека ваквиот став на Харадинај е последица на пораките кои Хејл, за кого се напоменува дека е „пратеник на претседателот Доналд Трамп“ и „трет човек во американската надворешна политика“, ги упати кон Косово и Приштина за време на неговиот денешен престој во Белград.

Информациите од Белград велат дека Хејл на денешните средби со претседателот на Србија Александар Вучиќ и другите државни раководители го нагласил барањето на Вашингтон за укинивање на таксата за увоз на српски производи во Косово, но и дека побарал „прекинување на взаемните провокации од двете страни“. Во Приштина барањето на американскиот висок дипломат се толкува како порака до официјален Белград да престане со кампањата за повлекување на признавањата за независноста на Косово од одредени држави и против неговото зачленувањето во меѓународните организации, како што се Интерпол и УНЕСКО.

Официјален Вашингтон инсистира на суспендирање на определено време на таксата од 100 отсто, која косовската Влада ја постави на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, со цел да се деблокира дијалогот за изнаоѓање конечно решение за споровите меѓу Белград и Приштина. Косовскиот премиер Харадинај до сега тоа барање упорно го одбиваше, инсистирајќи дека таксата ќе се укине тогаш кога Белград ќе ја признае независноста на Република Косово.