Косовскиот премиер во оставка Рамуш Харадинај вели дека приоритет на неговата земја е спроведувањето на Договорот за стабилизацја и асоцијација (ДСА) со Еврпската унија (ЕУ) и воопшто нема потреба од создавање на некаков балкански „мини-Шенген”, јави дописникот на МИА од Приштина.
Коментирајќи ја денешната средба во Тирана на премиерите на Албанија и С. Македонија, Еди Рама и Зоран Заев и претседателите на Србија и Црна Гора, Александар Вучиќ и Мило Ѓукановиќ, Харадинај рече дека Косово е заинтересирано за „Шенген со главен град Брисел”, а не за „мини-Шенген со главен град (центар) Србија”.
– Сите земји од Западен Балкан, значи шест колку што останаа без да се зачленат во ЕУ, имаме договори со ЕУ. Косово го има ДСА и треба да се фокусираме на него. Тоа значи дека немаме потреба од некаков мини-Шенген со Србија како главен град, или Србија како лидер на нашиот мини-Шенген. Заинтересирани сме за Шенген, во случајов со главен град Брисел, значи за ЕУ. Косово е евроатлантска земја и тоа е нашата перспектива – изјави Харадинај.
Според него, единствена цел на иницијативата за создавање на зона за слободно движење на капитал и луѓе меѓу земјите од регионот, е укинување на таксата од 100 осто што Приштина ја воведе на увозот на српски производи кон крајот на минатата година и која е сè уште во сила.
– Може да се види дека сево ова се прави за да ни ја укинат таксата која ја воведовме. Целиот проект на мини-Шенгенот има една единствена цел: да се укине таксата. Значи и нервозите кои ги имаат последниве денови (Рама и Вучиќ) доаѓаат токму поради тоа што им паѓаат во вода таквите планови – изјави Харадинај.
Тој порача дека се додека Србија продолжи да не ја признава косовската држава и да ги негира злосторствата врз албанското население во последната војна, Косово нема да учествува во иницијативи како што е оваа за „мини-Шенгенот”.
– Со начинот на кој се однесува Србија, негирајќи ги и воените злосторства, Косово ќе игнорира секое вакво организирање и ќе им каже на сите: аирлија работа, но без нас! – порача Харадинај.