Косовскиот премиер Рамуш Харадинај во екслузивно интервју за МИА говори за ефектите од Преспанскиот договор врз останатите отворени прашања во соседството, за желбата за враќање на мирот, на стабилизацијата и економскиот развој што ќе следат со фаќањето на евроатланскиотпат на сите земји од регионот.
Харадинај во интервјуто истакнува дека се залага за сеопфатен договор со Србија, иако признава дека тоа заради проблемите и анимозитетите од минатото тешко оди. Уверен е, сепак, дека евентуалниот договор ќе го стабилизира регионот, и ќе му го донесе економскиот развој, пред се, на двата народа.
-Битно е народот да ја најде својата платформа и таа платформа да биде разбрана од сите. Мислам дека Договорот од Преспа е базата за таа платформа, за помирувањето и, се разбира, за меѓусебното разбирање и за довербата меѓу народот, во рамки на политичкиот живот. Ние тоа го цениме како прогресија, како постигнувањето на самиот договор, така и неговата имплементација. Помирувањето е битно во рамки на општеството – истакна Харадинај.
Косовскиот премиер истакна дека Договорот од Преспа е модел за решавање на другите конфликти во Балканот. Тој исто така нагласи дека во Македонија меѓуетничките односи се добри.
-Во многу кругови во регионот се зборува за моделот на Преспанскиот договор меѓу Република Македонија и Република Грција и кога сето тоа ќе се реши јас мислам дека тоа ќе биде доказ за можноста да се решат и други ситуации. Секако сите ситуации се специфични на свој начин. Мислам дека тоа кај вас беше храброст за многумина, бидејќи вие отидовте на тоа помирување и враќање на довербата едни кон другите.
За Македонија е битно и тоа што меѓуетничките односи се добри.Тоа е добро и ние ги цениме напорите на актуелниот македонски премиер господинот Заев, затоа што на свој начин придонесе кон тоа помирување – кажа Харадинај.
За решавање на спорот со Србија, косовскиот премиер рече дека можно е да преземат некои од одредбите од Договорот од Преспа.
-Се надевам дека и ние ќе успееме да преземеме некои добри одредби од Преспанскиот договор. Не би смеел, сепак, да кажам дека тоа е модел, бидејќи релациите меѓу Косово и Србија се поинакви. Односите меѓу нас и Србија се битни, ние сме заинтересирани да се договориме и да постигнеме конечен мир за народите на двете земји, како и со соседите, бидејќи мирот и помирувањето го помагаат економскиот развој – потенцира премиерот на Косово.
Харадинај истакна дека иако е тешко, мора да се помират со Србија.